Бугарија со меморандум до ЕУ бара јазикот да стане услов за преговори со Македонија ?!

140

Преку документ наречен објаснувачки меморандум кој Бугарија го испратила до земјите членки на Европската Унија бара нивните ставови за македонскиот идентитет и јазик да станат дел од преговарачката рамка за Македонија и од поглавјето 35. Во документот чии цитати објавија дел од медиумите, Софија обвинува за „етнички и јазичен инженеринг” во Македонија.

„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија“, објавува Радио Слободна Европа цитирајќи дел од меморандумот.

Софија, како што пренесува МИА, оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. И смета дека Унијата не смее да дозволи внес на отворени прашања. Во документот Бугарија бара во документите на Унијата да стои „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат се работи за интерни документи на ЕУ за кои македонските власти не се известени и не можат да ја потврдат автентичноста на објавениот меморандум.

Бугарија смета дека македонските историчари се винови што мешовитата комисија нема напредок во работата. Комисијата треба да се состане повторно кон крајот на месецов а на дневен ред се прашањето за Гоце Делчев, Илинден и Втората светска војна. Копреседавачот на комисијата, Драги Ѓоргиев за бугарската тв европа вели дека македонското и бугарското гледиште за Делчев треба да егзистираат паралелно.