ВМРО Штип го повикува министерот Филипче да објасни, зошто граѓаните „се матирани“ за 7 мил евра

210

ВМРО Штип го повикува министерот Филипче да објасни, зошто граѓаните „се матирани“ за 7 мил евра. Според нив, изградбата на Клиничката болница во Штип изминативе три години се сведе само на скандали и застој:
„ Настаните поврзани со болницата се како шаховска игра, во која очигледно ќе бидат „матирани“граѓаните. Рекет 3, побараните 7.000.000 евра од Техничката Влада, стечајот на штипски Бетон се само дел од обелоденетите случаи за кои зборевме во изминатиов период. Дали граѓаните од Истокот не заслужуваат квалитетно здравство? Каде завршуваат милионските износи за кои постојано слушаме, а не сме ги виделе? Дали некој ќе одговара за тригодишното стопирање на градбата на Клиничката болница и незаконски дејства на Министерството за здравство“, праша на прес Љубе Здравков, советник од ВМРО ДПМНЕ во СО – Штип.
На ова реагираа од Министерството за здравство со писмен допис:
„ Во моментот кога стапив на функцијата министер за здравство, пред само две години, затекнав целосно застанат проект за изградба на болницата во Штип, затекнавме непотполн проект на кој што недостасува една цела фаза на електрика во машинството.
Во таа смисла, сакам да потенцирам дека дополнителните 7 милиони евра со кои опозицијата денеска по којзнае кој пат проба да создаде медиумски процес, и кои се предвидени за изградба на КБ Штип не се за зголемени трошоци, туку се неопходни заради имплементација на фаза на електрика во проектот за машинство. ВМРО-ДПМНЕ пушти во реализација проект без една од суштинските фази на секој објект, без кој што болницата не би можела да функционира! Користејќи ја нивната неспособност и пропусти сега сакаат да ја доведат целата јавност во заблуда“, стои во реакцијата.