Во понеделник ќе распишуваме референдум…ниту има договор меѓу партиите, ниту има прашање ?!

0
105

По изборот на членовите на Државната изборна комисија, Собранието в понеделник ќе одржи седница на која треба да се распише референдумот за промената на името на државата. Засега најверојатен датум за одржување на референдумот е 30 септември. Во меѓувреме политичките партии треба да се усогласат околу дефинирање на референдумското прашање. Засега нема најави за нови консултации.

Не е решено и тоа дали референдумот ќе биде консултатитевн или задолжителен. Во секој случај цензусот 50%+1 е потребен. Уставот не познава консултативен референдум за прашања од надлежност на Собранието. Власта смета дека референдумот треба да биде консултативен, бидејќи тука не станува збор за менување на државните граници или за стапување на Македонија во сојуз со други држави, за да биде задолжителен. Сепак, премиерот Заев, досега неколку пати изјави дека без разлика на тоа каков ќе биде референдумот, волјата на граѓаните ќе се почитува.

Според Уставот, предвидениот цензус е излезноста на избирачите да биде најмалку 50 отсто плус еден од вкупниот број граѓани со право на глас. Ако од нив мнозинството гласа „за“ на референдумот, тогаш новото име на земјава ќе биде Република Северна Македонија. Потоа, според спогодбата со Грција, треба да се смени и Уставот, по што ќе продолжи и спроведувањето на обврските за влез во НАТО и ЕУ.

Премиерот кажа дека тие се отворени за расправа за прашањето дали референдумот да биде консултативен или обврзувачки.

Премиерот веќе го објави можното референдумско прашање – ,,Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името“. СДСМ и понатаму повикува на „консензус на политичките партии за вака значајни прашања за иднината на земјата“.

За ВМРО-ДПМНЕ ова е двосмислено и неприфатливо прашање. Тие се за јасно и концизно прашање кое ќе се однесува само на спогодбата со Грција за промена на името на Република Македонија. Од партијата сѐ уште не откриваат каков ќе биде нивниот став во однос на повикот на нивнте членови и приврзаници да излезат или да го бојкотираат референдумот.

За распишување на референдум во Собранието потребно е мнозинство од 61 пратеник. Тоа значи дека ова решение може да се донесе и без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата пак велат дека нивниот глас на собраниската седница в понеделник ќе зависи од предлогот за референдумското прашање.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here