Во Скопје, расправа на македонските и бугарските историчари, а во Софија расправа за преименување на словенската во бугарска писменост !

96

Втор ден расправа на македонските и бугарските историчари денеска во Клубот на пратеници во рамки на десеттата средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Истовремено во бугарскиот парламент се расправа за преименување на празникот 24 Мај од Ден на словенската писменост во Ден на бугарската писменост.

Комисијата заседава по пауза од речиси една година, а причина за тоа била пандемијата со ковид-19, но и изборите кои се одржаа кај нас.

За прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело разговараат вчера и денеска членовите на Комисијата, а на дневен ред е и веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија.

Од македонскиот тим во најавата за десеттиот состанок напоменаа дека покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.

Шефот на бугарскиот тим од мешовитата Комисија за историски прашања, Ангел Димитров вчера кусо пред средбата рече дека очекува да биде постигнат некаков резултат за отворените прашања.

И додека вчера македонските и бугарските историчари по долгата пауза седнаа на маса, пратениците од бугарската Комисија за образование и наука најавија јавна расправа за предлогот за преименување на 24 мај од Ден на словенската писменост во Ден на бугарската писменост. За ова се расправа по предлог на „Обединети патриоти“ и со поддршка на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), чиј претседател е премиерот Бојко Борисов. На почетокот на месецот предлогот беше усвоен на прво читање во Парламентот. Со предлогот, празникот се именува како „Ден на бугарската писменост, образование и култура“, а отпаѓа придавката словенска. Мешовитата македонско-бугарска комисија веќе се согласиле дека заеднички ќе се одбележуваат пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил.