Германија спроведува истрага: Исчезнале 6 милиона заштитни маски нарачани од Кенија !

297

Германската царинска служба се обидува да открие каде се загубија 6 милиони заштитни маски, кои беа нарачани за протекција на здравствените работници од коронавирусот. И во Белгија претходно се случи нешто слично.

„Надлежните се обидуваат да откријат што се случило“, изјави портпарол на германското министерство за одбрана, откако последната станица на која биле детектирани маските бил аеродром во Кенија. Портпарол на кениските аеродромски служби вели дека тие досега ништо не пронашле.
Се работи за маски од типот ФФП2, кои филтрираат над 90% од честичките, а биле нарачани од германската царина. Царината заедно со обвинителството на вооружените сили сега се обидуваат да откријат што се случило со маските. Пратката требало да пристигне во Германија на 20 март, но тоа не се случило, откако исчезнала на аеродром во Кенија. Нејасно е и како маските, произведени од германска компанија, воопшто стигнале до Кенија.

Германскиот магазин Шпигел пишува дека Германија порачала опрема во вредност од 241 милиони евра од производители на заштитна и санитарна опрема, која треба да помогне во справувањето со коронавирусот. Од министерството за одбрана велат дека нема финансиска загуба поради неиспораката на маските бидејќи тие не биле платени.

Минатата недела и во Белгија беше откриено дека исчезнале шест милиони ФФП2 маски за заштита. Но таму работата брзо се расчисти: минатата година, непосредно пред појавата на коронавирусот, тие биле уништени. Тие имено биле набавени во екот на епидемијата на свински груп, а во меѓувреме, според официјалното образложение, им минал рокот. Во белгиското надлежно министерство сметале дека репарацијата на маските би ги чинело прескапо.

Германија во меѓувреме ги подготвува своите болници и здравствени работници за голем раст на бројот на заболени од коронавирус. Во земјата досега има 27,436 регистрирани случаи на заболени и 114 жртви.