Грчки авиони над македонското небо – Како дел од НАТО, тренираат за да не одбранат од можни непријатели ?!

329

Два грчки ловци Ф-16 вчера ја надлетале македонската територија. Од Министерството за одбрана ја потврдија информацијата наведувајќи дека прелетот бил во рамки на подготовката на Грција за преземање на контролата на македонското небо откако земјава ќе стане полноправна членка на НАТО.

„Согласно техничкиот договор вчера за прв пат е извршен прелет на два авиони на грчкото воздухопловство за потребите за обука на нивните пилоти и нашите оператори. Се работи за подготовки за потполна оперативност“, одговорија од Министерството.

Грчките ловци, како што објавија грчките медиуми, кои се дел од 337 ескадрила на грчкото воздухопловство полетале од Лариса и го надлетале целото македонско небо.

Прелетот бил направен во целосна координација со комуникациските системи на контролната на летање во Скопје, додека воздушниот простор ловците го набљудувале преку грчките радари.

Грчките медиуми прелетот го означија како официјално преземање на контролата на македонското небо од страна на грчкото воздухопловство.

Техничкиот аранжман за надзор на воздушниот простор меѓу двете земји беше потпишан на 30 септември, откако Македонија и Грција во април потпишаа договор за соработка во одбраната.

Грчките воени авиони во мај ги направија двата пробни прелети во македонскиот воздушен простор.

За контрола на македонскотот небо се понуди и Бугарија.