Македонија загуби голем спортист. Почина олимпиецот Коце Ефремов

0
737

Македонија вчера загуби голем спортист. Југословенскиот олимпиец и носител на титулата „Спортист на векот на Кочани“, борачот Коце Ефремов, почина во 62-рата година од животот.

Спортската легенда на Кочани и Македонија е роден на 17 март 1956 година. Борачката кариера ја започна во кочанскиот борачки клуб Спартак на крајот од шеесетите години од минатиот век. Во седумдесетите изби високо во македонското борење, па стана и репрезентативец на Југославија во категорија до 48 килограми.

Како југословенски репрезентативец прв пат неговото име се слушна во 1976, кога беше петти на Европското првенство.

Во истата категорија на Медитеранските игри во Сплит 1979 година го освои златниот медал, со што Југославија ја запиша како лидер на Медитеранот во борењето во слободен стил.

Вториот голем настап на Ефремов беа Летните олимписки игри во Москва 1980 година, кога имаше одличен настап и за малку ја пропушти шансата за медал, но ја заработи позицијата – седми најдобар борач во светот во категорија до 52 килограми.

Истата година на Европското првенство беше деветти, а следната 1981 го заработи пласманот во топ 10, каде заврши како десетти.

Борачката кариера во деведесетите Ефремов повторно ја врати во Кочани, каде по распадот на Југославија беше активен во Спартак.

Во колективната меморија останува фотографијата на која Ефремов ги носи сите освоени медали за поранешна Југославија, која и понатаму ќе ги прави горди кочанчани, но и цела Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here