“Млади за Македонија” почнуваат акција за контра-референдум !

0
70

Организацијата „Млади за Македонија“, која стоеше зад дел од протестите против промена на името, на својата фејсбук-страница објави дека почнува иницијатива за собирање потписи за спротивставувачки таканаречен татковински референдум.

Целта на овој нов референдум, како што велат, е да ги одбрани и трајно да ги заштити трите македонски црвени линии: уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитетот.

„Новиот татковински спротивставувачки референдум ќе издејствува трајна заштита на уставното име на Република Македонија, македонскиот јазик и идентитетот од правен аспект и со потребните поправки во законската регулатива во иднина ќе спречи такви манипулации. Бојкотирањето на нелегитимниот референдум најавен од Владата за есенва, ќе осигури немање цензус за него, со што иницијативата пропишана со т.н. преспански договор ќе стане правно невалидна. Бојкот на референдумот е иницијатива што е започната од организацијата пред неколку месеци и активно доби поддршка од илјадници приврзаници во земјата“, се вели во соопштението на „Млади за Македонија“.

Од организацијата додаваат дека во моментот нивниот правен тим работи на прецизно формулирање на референдумското прашање кое би било насочено кон трајна заштита на уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитет, во согласност со Законот за референдумот и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 81 од 27.9.2005 година.

Прашањето за референдумот организацијата има намера да го објави најдоцна во почетокот на август, а најавуваат дека тој ќе биде спроведен во Македонија, но и во македонската дијаспора.

„За успешно свикување на татковинскиот референдум ќе бидат потребни 150.000 потписи на граѓаните на РМ по што Владата ќе биде принудена да го распише овој референдум за заштита на Македонија“, велат од „Млади за Македонија“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here