Скопје: Полицијата конечно откри кој гради незаконски пред „Мавровка“ – Владата го задолжи „Македонија пат“ да ја сруши дивоградбата !

227

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта е задолжено да ја урне дивоградбата кај Мавровка. Вака одлучи Владата на денешната прва седница.

Владата му препорачува на Управниот одбор на ова јавно претпријатие да донесе одлука за ангажирање на потребната механизација, средства за работа и вработени, со цел уривање и демонтирање на бесправно изградениот градежен објект што се наоѓа пред трговскиот центар „Мавровка“.

„Во рамките на оваа одлука Владата им препорачува на Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да ги регулираат меѓусебните права и обврски да склучат Договор за отстранување на бесправно изграден градежен објект, делови од објекти и бесправно поставени објекти. По исполнување на обврските од договорот, Општина Чаир и Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, во рок од 7 дена, се задолжени да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават соодветна Информација за извршување на обврските од одлуката“ – информираат од Владата.

Министерството за внатрешни работи поднесе и кривична пријава против М.А. (34) за оваа дивоградба.Како што соопшти МВР, Единицата за економски и компјутерски криминал во координација со скопското ОЈО презеле соодветни мерки и активности за утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а ,,бесправно градење” од КЗ. По целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава.