Уролог од Тетово починал од компликации од Ковид – 19 во скопска болница !

108

Од компликации од коронавирус во Градската општа болница „8 Септември“ почина 64-годишниот доктор Арификмет Деари, уролог од Тетово. Министерот за здравство Венко Филипче објави дека Деари бил хоспитализиран поради невролошки проблеми, но бил и позитивен на ковид-19. По 15 дена болничко лекување денеска починал во болницата.

„Доктор Деари, кој беше само на неколку месеци до пензионирањето, е првиот лекар кој почина од компликации на коронавирусот. Изразувам жалење и длабоко сочуство до неговото семејство. Апелирам до моите колеги здравствените работници да се чуваат и заштитуваат, на работното место соодветно на протоколите, но и надвор од него. Апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да се заштитат себеси, здравствените работници и сите свои сограѓани“, напиша Филипче на Фејсбук.

Вкупно починати од ковид-19 во земјава досега се 334 пациенти. Според вчерашните бројки, ковид дијагностицирани се 6.932, од кои оздравени се 2.987, а  3.611 се активни случаи.