Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, ја известува јавноста дека во текот на организирањето и спроведувањето на локалните избори заклучно со првиот круг на гласање пристигнаа голем број известувања, поднесоци и пријави за индиции за сторени изборни нерегуларности.
По сеопфатна анализа и проверка на наводите во доставените поднесоци и пријави, Комисијата и основните јавни обвинителства кои постапуваа по нив итно и неодложно, утврдија постоење на елементи на сторени кривични дела.
Така, Основното јавно обвинителство Свети Николе поведе постапка против едно лице за кое постои сомневање дека сторило продолжено кривично дело – Поткуп при избори и гласање .Постапка се води и против четири лица кои го примиле поткупот. Настанот се случил на 15 октомври 2021 година, во општина Лозово, кога осомничениот бил забележан како дава пари на граѓани за да гласаат за независен кандидат. Со потврда одземена е документацијата и паричните средства кои биле пронајдени кај осомничениот. По дадени насоки на обвинителството, полициските службеници прибираат известувања од лицата кои ги примиле паричните средства во висина од по 3000 денари.
Основно јавно обвинителство Кочани на 15.10.2021 година од МВР ПС Кочани прими кривична пријава против две лица за кривично дело ,,Повреда на слободата на определување на избирачите”. Во период од 08.10.2021 до 15.10.2021 година, во повеќе наврати, двајцата осомничени им се заканувале на повеќе граѓани од Кочани, дека ќе бидат избркани од работа и ќе им бидат одземени други права доколку излезат на гласање и гласаат за партијата чии симпатизери биле тие.
По поднесена пријава против лице за агитирање на избирачко место во с.Теранци избирачко место во Кочани и Оризари.
Предмет за извршен поткуп е оформен и во Основното јавно обвинителство Делчево по добиено известување дека на 16.10.2021 година, на Градскиот пазар во Делчево, кандидат за градоначалник од политичка партија му дал 3000 денари на едно лице заедно со брошура.