По неколку месеци неработење поради реновирање, од денес повторно е ставено во функција Инфективното одделение во Штип. Таму веќе се префрлени сите пациенти од Модуларната болница. Реновирањето на инфективното одделение траеше четири месеци. Притоа беше сменета фасадата, внатрешната и надворешна дрвенарија, а се постави и централен довод на кислород. Сево ова, Инфективното одделение го направи пофункционално и комплетно подготвено за целосен третман на ковид пациенти.
Во исто време, направени се просторни и функционални промени, за да можат непречено да се примаат и третираат и други пациенти кои имаат инфектолошки проблем, но истиот не е поврзан со Ковид 19. Во моментов, со пациенти се пополнети две третини од расположивите капацитети на Инфективно. Од вкупно 44-ца пациенти, 33-ца се на кислородна поддршка, а само вчера, во т.н. дневна амбуланта се прегледани 78 ковид позитивни пациенти.