По речиси две години, поради пандемијата, бањата Кежовица во Штип повторно се отвора:
-По пример на другите бањи во регионот, донесовме одлука по барање на граѓаните, да ја ставиме во функција и Бања Кежовица. Бањата ќе функционира по строги критериуми и протоколи со приложување на сертификати за вакцинација, со мерење на температура, со намален капацитет изјави Трајче Здравков, дир. на ЈП Исар – Штип
Сепак, двегодишното некористење и неодржување се причина за многу проблеми и оштетувања. Поради ова, пред отворањето, ќе се направи темелна санација.
Најавите за отворање на Бањата, се добра вест за граѓаните, зашто Кежовица, поради лековитоста на водата, но и пристапноста на цената, е една од најкористените бањи во Државата.
Пред пандемијата, дневно Бањата ја посетуваа по 150-200 капачи. Дополнително и покрај скромните капацитети од 40 легла, на годишно ниво овде се регистрираа околу 3.000 ноќевања.
За поголема искористеност на потенцијалот, во буџетот за наредната година, планирани се поголеми зафати за уредување на Бањата.