Со финансиска поддршка од Рудник САСА, Здружението на риболовци – Спортски клуб „Шаран“ спроведе акција за обнова и дополнување на рибниот фонд во езерото Калиманци.
Денеска беше извршено порибување на езерото со околу 1.500 килограми крап, а најавено е и дополнително порибување со околу 500 килограми, што ќе биде спроведено во наредниот период.
Оваа активност е дел од повеќегодишната соработка помеѓу САСА и здружението „Шаран“, преку која рудникот обезбедува финансиска средства за набавка на рибен подмладок и порибување на езерото Калиманци, како и за функционирање и реализација на активностите на ова здружение.
Оваа поддршка е дел од проектите што САСА ги спроведува во континуитет, а се наменети за поддршка на локалната заедница, заштита и унапредување на животната средина и одржливиот развој, информираат од Рудникот.