Соларен парк што ќе ги задоволува потребите за струја на 94.000 домаќинства ќе се гради од следната година на потегот од Штип до Свети Николе, на локацијата каде што требаше да има карго аеродром на површина од 452 хектара. Инвестицијата, која со одлука на Владата е прогласена за стратешка, е проценета на околу 270 милиони евра.
Претседателот на француската компанија „Акуо Енерџи“ Ерик Ското истакна дека Владата, воведувајќи систем на стратешка инвестиција донела храбра одлука и создала услови за забрзан процес кон енергетска независност.
Екипите на „Акуо Енерџи“ ќе работат со македонската администрација за да се изгради француско-македонскиот проект и да се потврди взаемната соработка, истакна Ското.
Првите количини електрична на енергија ќе протечат во 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција , најголема во овој домен за македонската економија.