130 патронажни медицинси сестри во државата се во ризик да ги изгубат работните места до Нова Година. Тие две години работат со договор што истекува на крајот на месецот, за што до министерот за здравство Венко Филипче, доставија допис со кој бараат да им се издадат решенија за работа.
„Бевме примени на проект во 2019 година од Министерството на шест месеци со фиксна плата од 20.000 денари и без придонеси. Потоа започна пандемијата и ни го продолжија договорот за дополнителни шест месеци, па уште двапати по 6 месеци за сега договрите да ни истекуваат на 31 декември. Вратата на неизвесноста сега ни е ширум отворена, а бевме први во сите фази на пандемската криза“, стои до Дописот.
Од Министерството за здравство најавија средба со претставници на патронажните сестри и изнаоѓање начини за надминување на ситуацијата, но конкретни решенија не посочија.