Проблемот со загадениот воздух во Кочани е доминантен секоја грејна сезона, но анализите потврдуваат дека и овој пат главна заслуга за загадениот воздух се домашните оџаци. Нивното учество во нечистиот воздух е дури 90 %. Причина за ова е масовната употреба на дрвото како основен енергенс за затоплување.
Освен домаќинствата , загадувач е и индустријата, за што Тодоров предлага субвенционирање од страна на државата на еколошко гориво кое би се користело во производниот процес.
Во истата насока, чист воздух во Кочани, ќе делува и Општината, откаде што најавуваат:
„ Ние како општина Кочани заедно со Министерството за животна средина ќе работиме да ги идентификуваме загадувачите, што е прв и најзначаен чекор во борбата за намалување на загадувањето, но ќе го продолжиме и проектот за субвенции на клима уреди за да се напушти греењето со дрва“, вели Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.
Своите согледувања за состојбите и подобрувањето на квалитетот на воздухот, Здружението „За здрав живот во Кочани“ јавно ги промовира , а воедно и иницира ургентно делување на сите институции.