Средбата со медицинскиот патронажен персонал од земјава, министерот за здравство Венко Филипче ја одложи за понеделник, иако претходно најави дека истата ќе се реализира до вчера. Медицинските сестри од крајот на овој месец се во опасност да останат без работа, бидејќи две години работат под договор.
„ Добивме известување за средба со министерот Филипче во понеделник. Се надеваме на разбирање и очекуваме решение на нашиот проблем , односно конечно да добиеме решенија за работа“, велат во дописот сестрите.
Инаку, нивната приказна започнува кога во јуни 2019 година, Министерството за здравство објави јавен повик за сите медицински сестри кои се заинтересирани да работат во службите на патронажната дејност, да се пријават на конкурс.
Преку овој проект беа вработени 48 медицински сестри и 10 лекари во Скопје, 15 медицински сестри во Тетово и останатите други медицински сестри низ државата, со што вкупниот број се искачи на над 130.