Рудникот САСА, преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој, и оваа година обезбеди новогодишни подароци на сите деца во градинките и основните училишта во Македонска Каменица и населбата Саса. Дополнително, вкупно 132 социјално ранливи лица и семејства добија пакети со храна и средства за хигиена за да им помогнат во текот на празничниот период.
Во знак на благодарност САСА обезбеди новогодишни подароци и за екипите на итната медицинска помош, противпожарната бригада и полицијата во Македонска Каменица, како и на вработените во рудникот кои за новогодишната ноќ ќе бидат на работа. Дополнително, сите вработени во САСА, покрај редовната плата, се наградени со новогодишен додаток на плата и пригодни подароци.
„ Со оваа традиција сакаме да овозможиме сите членови на нашата заедница и секако најмладите да ја почувствуваат радоста на претстојните празници. Воедно, сакаме на сите наши сограѓани да им ги честитаме претстојните празници и да им посакаме добро здравје, среќа и многу успех во годината што доаѓа. Како и секогаш, голема благодарност мора да упатиме до нашите посветени вработени кои се клучни во обезбедувањето успех за САСА и за сите нас“, изјави во оваа прилика директорот за одржливост во Рудник САСА, Ивица Талевски.