Камион утринава изгуби контрола и удри во се уште неизградениот наплатен пункт Кадрифаково, на автопатот Штип – Миладинивци. Страотниот удар по кој за среќа жртви нема го блокираше сообраќајот на одредено време , а полицијата правеше увид на лице место.
Камионот доаѓал од правец на Штип, а зошто завршил во недовршениот објект има повеќе претпоставки. Најчеста, во вакви прилики е дека брзината била неприлагодена или пак, возачот бил со намалена концентрација.
Кои се причините за несреќата ќе се утврдува дополнително , но возачи се жалат дека недостатокот на претходна патна сигнализација и предупредување , можеби во случајов биле и пресудни камионот да заврши во објектот во градба.
Според првичните информации на Јавното претпријатие за државни патишта, во незгодата е предизвикана голема материјална штета:
Од ударот во кабината предизвикано е оштетување и на опремата на Наплатната станица, односно на самите ленти на кои се поставени наплатните ленти. Конкретно, целосно се оштетени две автоматски бариери – задни рампи, а исто така целосно се оштетени два линиски контролери. Има и оштетувања на друга поставена опрема, како држачи, столпчиња и слично, информираат од Државни патишта.
Ова на неодредено го одлага ставањето во функција на наплатниот центар , нешто што беше планирано за мај.
Освен, кај Кадрифаково, идентичен ризик при несоодветна брзина и сообраќајна сигнализација има и кај втората наплатна станица на автопатот Штип Миладиновци , па надлежните повторно предупредуваат за поголема внимателност.
Заради изведување на градежни работи на патниот правец Миладиновци – Свети Николе – Штип, односно на делниците Кадрифаково и Преод, сообраќајот се одвива согласно одобрениот времен режим на сообраќај. На возачите им се препорачува внимателно возење и почитување на поставената сигнализација, информираат од АМСМ.