Ако цената на струјата продолжи да расне, а Владата не помогне, неминовно е покачување и на водата, уште еднаш денес преку соопштение предупредија од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ.
„ Потсетуваме дека на 18 јули АДКОМ јавно побара средба со претставници на Владата, на кои ќе се разгледа можноста за субвенции и поддршка на претпријатијата, кои имаат неколкукратен раст на трошоците предизвикан, пред се, поради енормниот раст на трошоците за електрична енергија. Со продолжување на оваа состојба во која се наоѓаат јавните комунални претпријатија се доведува во прашање квалитетот на услугите кои ги овозможуваат за граѓаните, како и нормалното опстојување на самите претпријатија кои обезбедуваат работа за повеќе илјади семејства“, се вели во соопштението.
Јавните претпријатија од Регионот се категорични дека во последните наколку месеци, се соочуваат со невидени проблеми и неможност нормално да функционираат.
Доколку итно не им се помогне, комуналните претпријатија уште еднаш ја повторија заканата за покачување на цените на услугите, како единствено решение за излез од ситуацијава:
„ Доколку не се изнајде одржливо решение и Владата не помогне, претпријатијата кои ги обединува АДКОМ, ќе мора да пристапат кон изготвување на ревизија на цените по кои моментално ги испорачуваат услугите. Уште еднаш апелираме на средба со Владата на која ќе се дискутира за конкретна поддршка на јавниот сектор“, се наведува во соопштението од АДКОМ.