Национални шуми го објави новиот ценовник за продажба на огревно дрво според кој цените се зголемени за 20 %.
Дабот наместо 2.900 сега ќе чини 3.564 ден., а буката 3.444 по м/3.
Новите цени никако не се вклопуваат во буџетите на граѓаните и тие за нив имаат големи забелешки.
Национални шуми последното покачување го аргументира со зголемени трошоци , но и зголемен интерес за дрва оваа година:
„Граѓаните се плашат и се создава страв дека можеби ќе нема струја, па тие што никогаш не користеле дрво, сакаат да набават. Дел од тие што набавувале одредена количина на дрво, извештаите се дека сакаат да земат дупло повеќе дрво. Во тоа може да настане одреден проблем во однос на тоа дали ќе има или не“, истакна директорот на Национални шуми, Валентин Груевски.
Во овој контекст, Национални шуми за оваа грејна сезона, планирата продажба на 400.000 м/3 огревно дрво што е за 50.000 повеќе од лани.
И покрај ова, прашањето дали дрва ќе има доволно останува отворено, бидејќи многу сопственици на шуми се жалат дека државата не им дава да сечат од своите и се принудени дрва да купуваат. Во некои делови дозволена е привремена сеча на дрва, но прашање е дали сите ќе успеат навреме да се снабдат со дрва за огрев.
Во однос на цените , Владата се одлучи за ограничување на трговската маржа од 10 % , но факт е дека не сите трговци ова го почитуваат , поради што цената на дрвата варира. Во моментов, најевтните можат да се купат за 4.600, а понуди има и за 5.000 ден.
Паралелно, несоодветен скок има и во цената на пелетите која од 120 ден за вреќа, скокна на 360 ден, нешто кое граѓаните многу тешко ќе го издржат.