Обид за убиство и самоубиство рано утринава се случи во Свети Николе. Маж на 43 години најнапред пукал кон 11 години помлада девојка, а потоа и во себе, по што починал на лице место.
Трагичниот настан се случил утринава околу 8.00 часот пред пензионерскиот дом во Свети Николе.
Младата жена со прострелна рана е пренесена во штипската клиничка болница. Повредите кај неа биле лесни, куршумот поминал низ десната надлактицата и по санирање на раната, таа е пуштена на домашно лекување.
Од полицијата го потврдуваат настанот потенцирајќи дека работат на утврдување на околностите кои довеле до него:
„ Т.А.(43) од Свети Николе со пиштол пукал кон О.Б.(32) од Свети Николе, при што таа се здобила со повреда, констатирана во Клиничката болница Штип, а потоа Т.А. пукал во себе, по што починал. Извршен е увид од јавен обвинител и полициски службеници од СВР Штип и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во информацијата од СВР.
Засега нема информации за мотивите за обидот за убиство и самоубиството. Според информации до кои дојде ТВ Стар, двете лица биле во љубовна врска, па не е исклучено во прашање да е и љубомора.