Државата и општините немаат ефикасен начин за справување со пожари на отворен простор, покажува ревизорски извештај кој денеска го објави Државниот завод за ревизија.
Констатирано е забавено темпо на донесување на стратешки и програмски со мерки за заштита и спасување од пожари, не се предвидени развојни проекти во областа и отсуствуваат дејства, активности и постапки од превентивен и оперативен карактер кои треба да ги спроведуваат учесниците во Системот за заштита и спасување, како и некоординиран пристап на локално, национално, регионално и меѓународно ниво во справувањето со опасностите од природни непогоди и други несреќи, се наведува во извештајот на ДЗР.
Според ДЗР, начинот на финансирање на Територијалните противпожарни единици влијае на нивното ефикасно функционирање, а единиците како и останатите институции задолжени за справување со шумски пожари немаат доволно ни кадар ни опрема.
Со ревизијата се утврди дека во актот за систематизација на ЈП „Национални шуми“ предвидени се 250 работни места за шумочувари, но поради отсуство на критериуми за распределба, дел од подружниците се соочуваат со недоволен број на шумочувари, се наведува во извештајот.
Во периодот од 2019 до 2021 година пожарите кои се случија на територија на државава предизвикаа огромни штети врз животната средина. Во тој период опожарена е површина од 29.224,51 хектари или три отсто од вкупната шумска површина во државата и уништена дрвна маса од 594.009,68 метри кубни.