Огромно свлечиште го затвори патот кај Истибања. Сообраќајот од Кочани кон Делчево – целосно блокиран. Според информациите од вработени во Македонија пат теренот е небезбеден, камења се рушат на секои 5 минути и затоа возилата се пренасочуваат преку алтернативни сообраќајници.
„На патот А3 во 13.00 на 11.7.2019 затворен е магистралниот пат А3 делница с.Истибања-брана Калиманци поради одрон и опасност до зголемување на истиот.Имаме алтернативни патишта за зголемување на сообраќајот за леки и полутоварни возила Виница-с.Бигла- Делчево додека за сите видови теретни возила Виница-с.Смојмирово-Делчево“,изјави Влатко Цоневски, Македонија Пат
Свлечиштето започнало да се руши околу 11 часот. Во тоа време имало само една цистерна која поминувала по патот, но кога видела дека паѓаат огромни камења возачот го запрел возилото. За среќа нема повредени. Од безбедносни причини патот е затворен за сообраќај:
„Од утре пристапуваме кон расчистување, меѓутоа има поголема количина односно околу 2.000 кубни мери па затоа ќе видиме како ќе биде.Ќе се работи интензивно за да не има голем застој во сообраќајот“,изјави Влатко Цоневски, Македонија Пат
Овој сообраќаен дел од Истокот е најризичен кога во прашања се одрони и свлечишта. Итно решавање на овој проблем, пред само неколку денови, најави и министерот Горан Сугарески , но очигледно дека карпата се сруши пред решението да се најде:
„Свесни сме за одроните.Постојано добивам информации од Претпријатието за државни патишта и бараме начин за решавање на проблемот бидејќи може да настане хаварија и да загинат луѓе па затоа работиме на надминување на тој проблем“,изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски
Од она што исто така го соопштија од Македонија пат и во наредните два-три дена патниот правец Кочани – Македонска Каменица – Делчево ќе биде затворен за сообраќај, бидејки ќе биде потребно минирање на останатиот дел од свлечиштето, а дополнително ќе следи и расчистување на теренот.