Сертификат за барем една доза примена вакцина или ПЦР тест да мора да приложи секој вработен во јавната или локална администација, за да може да дојде на работното место, предлага министерот Филипче и Комисијата за заразни болести.
–Препорачуваме во овие мерки да се приклучат и приватните компании. Веќе имаме на некој начин потврда, очекуваме дека ќе може да се приклучат, со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а се со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата, изјави денеска Филипче по состанокот на Комисијата.
Освен ова, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите вработени во здравството, а се препорачува потврда или ПЦР тест да се бара и во приватниот сектор.
Доколку Владата ги усвои, овие мерки ќе стапат на сила 10 дена по усвојувањето, односно 30 дена рок им се остава за вакцинација на невакцинираните во здравството.
За оние кои одлуките нема да ги почитуваат се најавувата и казни, но какви ќе бидат тие, дополнително ќе се утврдува.
Освен тоа, Комисијата предлага да се ажурира процесот за контрола на сертификатите, од страна на МВР и на пазарниот инспекторат, односно преку достапните апликации и QR кодовите на овие апликации да се проверува дали сертификатите што ги приложуваат лицата се валидни.
Дополнителните мерки доаѓаат на прагот на зимата и сезоната на грипови кои дополнително можат да го оптеретат здравствениот систем, но и откако интересот з авакцинација со прва доза, драстично опадна.