Обилните врнежи од дожд, драстично го зголемија водостојот на Брегалница и нејзините притоки во Делчевско и таму опасноста од поплави е голема, поради што од Општината започнаа активности за превенција и заштита.
„ Дистрибуирани и поставени се вреќи со песок по должината на ул „8 Септември“, како и покрај детското игралиште во близина на реката Брегалница, а подготвена е и значителна количина вреќи со песок за евентуално поставување на други критични точки. Во зависност од ситуацијата на терен и потребата од интервенција со механизација, Општината ќе ангажира и соодветна градежна механизација, информираат од општина Делчево.
Граѓаните од безбедносни причини да избегнуваат движење покрај реките, потоците и каналите со вода, но и да преземат соодветни мерки за заштита на нивниот имот од евентуални поплави.
Опасност од поплави има и во Берово , каде Ратевска Река го преполни коритото. Директорот на Водостопшанство – Берово, Зоран Аговски потенцира дека се преземат сите неопходни мерки за елиминирање на евентуалните последици.
Проблеми има и на патиштата, а особено на делницата Кочани – Делчево, каде обилните дождови и овој пат се причина за одрони.