Од 01 јануари општина Кочани може да се соочи со големи проблеми и енормни сметки за електрична енергија, откако досегашниот снабдувач Соларпром го раскина договорот и Општината остана без договорена цена на струјата.
„ Општина Кочани е на листата на големи потрошувачи, не постои можност да се врати кај универзалниот снабдувач, а со електрична енергија привремено ќе продолжи да се снабдува како и досега. Максималниот период во кој може да набавува струја од досегашниот снабдувач е 90 дена, при што треба во овој рок повторно да објави оглас за склучување нов договор за јавна набавка“, велат од Општината.
Доколку постапката за склучување на нов договор не успее, освен општината , без договорна цена на струјата остануваат и неколку општински институции. Ситуацијата најсеризоно може да се одрази на ЈКП „Водовод“, каде струјата зазема огромна ставка во трошоците за преработка и дистрибуција на вода
За сериозни последици да се избегнат, Советот на Општина Кочани ќе испрати препорака до Владата превентивно да планира финансиски средства во буџетот за набавка на електрична енергија, како и да предвиди мерки за заштита и субвенционирање на трошоците за електрична енергија.