По појавата на африканска свинска чума во делчевското село Драмче, во радиус од три километри до денеска уништени се вкупно 195 домашни свињи, односно со овој потег немаме ниту една жива свиња. Лешовите од овие животни се депонирани во сточна јама во Делчево каде се преземени сите мерки да не дојде до ширење на вирусот.
Во наредните денови, ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде не можат да се спроведат био-сигурносни мерки или во одгледувалиштата во кои нема да дојде до случај да бидат дијагностицирани нови случаи на овој вирус. Во опасност се 741 грло што ќе треба да влезат во процес на депопулација.
„Нешто слично како и со КОВИД-от, овде немаме воопшто можност да се изврши вакцинирање или да се изврши тераписки третман, односно лекување на животните. Сигурен исход на животните заразени со овој вирус е леталниот исход“, изјави директорот на АХВ, Николче Бабовски.
Од друга страна, од Групацијата на производителите на свинско месо се категорични дека од 2019 до сега Владата ги нема преземено потребните мерки за заштита од вирусот, при што тие очекуваат од 50 до 60 милиони штета во свињарството:
Во 2020 година според Заводот за статистика во државата произведени се 15.000 тони домашно месо. Со ова наше обраќање сакаме да посочиме дека овој проблем е голем и треба да се прифати од страна на државата како висок итен приоритет, велат оттаму.
Првиот случај на африканска чума во државава беше потврден на 6 јануари оваа година во делчевското село Драмче.