Речиси сите пациенти во Штипско инфективно се на кислородна поддршка. Од вкупно 24 корона болни кои се лекуваат на ова одделение, 21 се на оксигенска терапија, покажува денешниот болнички извештај.
„ На одделението имаме намален број на пациенти, но хопситализираните се со сериозна клиничка слика. Кај 88 % од нив неопходна е кислородна поддршка“, информираат од Болницата.
Како никогаш досега, многу висок е и бројот на пациенти кои се со примени вакцини. Дури 19 лица кои се на болничко лекување се вакцинирани, што претставува блису 80 %.
Во меѓувреме, наместо денес како што најави Комисијата за заразни болести, скринингот во училиштата ќе започне во понеделник.
Во текот на денешниот ден класните раководители и одделенските наставници ќе треба да ја добијат согласноста од родителите, а потоа со тие информации во понеделник да ги пречекаат медицинските екипи кои ќе дојдат во секое основно училиште.
„ Уште не знаеме дали скринингот ќе се одвива повеќе денови или ќе заврши за еден ден. Тоа ќе зависи од бројот на пријавени ученици, односно согласности од родители. Медицинските екипи во училиштата ќе пристигнат во понеделник, а каков е интересот за скринингот ќе знаеме до крајот на денот“, кратко одговорија од Министерството за здравство.
Скринингот ќе го спроведат тимови од здравствени работници кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.
Скринингот се спроведува поради зголемениот број новозаболени ученици. Во средните училишта, состојбата е стабилна, но се следи.
Од општина Штип , пак, информираат дека скрининг овде нема да има, зашто бројот на позитивни ученици е минимален.