Во Германија, во пожар за кој се верува дека бил подметнат, целосно изгоре автобус на виничкиот превозник Метак транс. Сопственикот на компанијата се сомнева дека зад пожарот стои лоша намера, а извршителите ги лоцира во дивите такси превозници и нелојалната конкуренција:
Од 18 декември почнавме да сообраќаме два пати неделно од Струмица за Билефелд како единствена регуларна автобуска линија од југоисточниот дел на Македонија до Германија. Се сомневам дека ова е одмазда од дивата конкуренција од Македонија, истакна Станко Цонев, сопственик на Метак Транс.
Според германските медиуми, причините за пожарот се уште се непознати, а поради невремето кое ја зафатило Германија, гаснењето на пожарот одело тешко:
Невремето повторно и повторно го разгоруваше пламенот, а противпожарната единица конечно успеа да го изгасне пожарот со многу пена. Не е јасно како избувнал пожарот. Истрагата на криминалистичката полиција е во тек, пренесува Радио Билефелд,
Компанијата Метак Транс постои веќе 11 години и има девет автобуси и 15 вработени возачи. Главна дејност е транспорт на работници од општините од источна Македонија за Италија.
Бизнисот кон Германија, сопственикот започнал да го шири пред три месеци.