Министерството за економија објави два јавни повика за поддршка на домашните компании наменети за субвенционирање на микро и мали претпријатија и за субвенционирање на занаетчии, кои ќе траат заклучно со 6 мај годинава.
Услов за добивање на средства од јавниот повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија е да вработуваат најмалку три лица, односно најмалку две лица доколку апликантот е претпријатие во сопственост или управувано од жена.
Ќе се кофинансираат 30 отсто од докажаните трошоци направени за набавка на машини потребни за производствениот процес, но не повеќе од 200.000 денари по барател.
Средствата ќе се распределат кај сите апликатни кои што ги исполнуваат условите по принципот „рамномерен регионален развој“.
Тоа значи дека апликантите покрај износот за кофинансирање утврден во јавниот повик ќе добијат и дополнителна финансиска поддршка во зависност од планскиот регион од каде доаѓаат. Истата ќе се пресметува врз основа на процентуалната разлика помеѓу планскиот регион со највисока вредност на БДП по глава на жител и вредноста на БДП по глава на жител на планскиот регион во кој е седиштето на барателот на финансиска поддршка.