Од август да се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор и да се активира Комисијата за енергетска криза, со цел обезбедување на пари за компаниите за претстојната грејна сезона која според сите предвидувања, ќе биде една од најтешките досега, најави денеска на прес министерот за економија Крешник Бектеши.
Сепак, министерот Бектеши е оптимист дека ограничувања на потрошувачката преку рестрикции ќе се избегнат.
Вчерашната одлука на Европската банка за обнова и развој за обезбедување 100 милиони евра во делот на ликвидноста на ЕСМ, за да може во одредени периоди од годината да купува електрична енергија и да купува јаглен и мазут за потребите на сите капацитети, донекаде можат да ја ублажат состојбата.
Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино.
Паралелно, Министерството за финансии подготвува нов пакет на мерки, кои би започнале да се применуваат во септември и ќе важат до крајот на годината, а ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани.